Историјат:
Аикидото е резултат на синтезата од боречки вештини кои основачот ги совладал во текот на својот живот и на влијанието од неговите идеолошки гледишта и определби. Денес, бидејќи практикувано насекаде во светот, аикидото еволуира и постојано се преиспитува и се здобива со нови значења и изрази.
Искуството во боречките вештини на основачот на аикидото
Морихеи Уешиба (盛平 植芝 Morihei Ueshiba, 14 декември 1883 - 26 април 1969), го создал аикидото и поради тоа бил наречен „О сенсеи“ (Големиот учител). Ова се случило во периодот од касните дваесетти (1920) до крајот на триесеттите години (1930) на 20 век, како резултат на стекнатото знаење од различни боречки вештини со и без оружје. Јадрото или основата на аикидото произлегува од боречката вештина „Даито рју аики-џуџуцу“ (Daito-ryu aiki-jujutsu), која Уешиба ја учел директно од Такеда Сокаку (武田 惣角 Takeda Sōkaku, 1859-1943), првиот кој оваа вештина почнал да ја подучува надвор од кланот Такеда. Дополнително, познато е дека Уешиба учел и Тенџин Шинјо Рју (Tenjin Shin'yō-ryū) кај Тозава Токусабуро (戸沢 徳三郎 Tozawa Tokusaburō, 1848-1912) во Токио во 1901, Јагју Шинган Рју (Yagyu Shingan-ryū) кај Накаи Масакатсу (中井 正勝, 1891-1908) во Осака од 1903 до 1908, и Џудо кај Кијочи Такаги (高木 喜代子 Takagi Kiyoichi, 1894-1972) во Танабе во 1911.
Понатаму, вештината ја збогатил додавајќи и движења преземени од користење на копје, стап и можеби и бајонет, но најголемо влијание извршило неговото познавање на користење на меч, катана. Може да се каже дека еден аикидока се движи како невооружен мачувалец.
Уешиба се доселил на Хокаидо во 1912 година, каде што од 1915 почнал да тренира кај Такеда Сокаку. Неговата официјалана поврзаност со Даито Рју продолжила до 1937 година. И покрај тоа, во последните години од тој период, Уешиба почнал да оформува свој стил. Во тоа време, за неговата вештина тој го употребувал името „Аики-Будо“. Непознато е кога точно Уешиба почнал да го користи името „Аикидо“, но официјално е усвоено во 1942 година, кога Јапонските официјални органи (Dai Nippon Butoku Kai) го признале како такво.